Во среда (22 јуни) со почеток во 21 часот на платото на Младинскиот културен центар ќе се одржи книжевна средба со германската писателка со иранско потекло Зудабе Мохафез. На средбата авторската ќе чита извадоци од своето творештво, а по читањето посетителите ќе имаат можност да разговараат со неа. Преводот на текстовите од германски на македонски јазик е на Ксенија Чочкова.
Книжевната средба е дел од проектот „Околу Европа“, партнерски проект на Контрапункт и организациите: Меѓународно друштво Елијас Канети од Русе, Бугарија, Центар за култура и општество од Брно, Чешка и Куќата на писателите од Штутгарт, Германија. Во рамки на проектот 4 автори од различни земји (Зудабе Мохафез од Германија, Петра Хулова од Чешка, Кристин Димитрова од Бугарија и Владимир Мартиновски од Македонија) ќе остварат три работни претстои во секоја од наведените земји. За време на овие претстои авторите ќе напишат по еден литературен текст, кој ќе биде преведен на јазиците на земјите партнери (Германија, Бугарија, Чешка и Македонија). Врз основа на овие текстови ќе биде објавена книга, а четири режисери ќе направат аудио книга.
Зудабе Мохафез живеела во Техеран, Берлин и Лисабон, а моментално живее во Штутгарт. Студирала музика, англиска литература и педагогија. Има работно искуство во неколку невладини организации кои се занимаваат со прашањата поврзани со заштита од насилство. Добитник е на неколку книжевни награди, а освен што работи како писателка, предава и креативно пишување. Нејзина последна книга е романот „Гори“.
Проектот „Околу Европа“ е поддржан од програмата Култура 2007-2013 на Европската Унија.